Прашањето за нов референдум за Брегзит не е на дневниот ред и треба да се почитува волјата на британските гласачи, изјави денеска британскиот министер за Брегзит, Доминик Раб по средбата со главниот преговарач на ЕУ за истапувањето на Велика Британија од Унијата, Мишел Барние.

Раб нагласи дека со Барние се договориле нивната следна средба да се одржи кон средината на август, по што ќе имаат разговори еднаш неделно.

Британскиот министер изрази надеж дека Лондон и Брисел ќе усогласат позиција што ќе помогне во решавање на прашањето за границата меѓу Ирска и Велика Британија по Брегзитот.

- Договор нема да има се додека не биде постигната согласност за сите теми, додаде Раб.

Барние од своја страна нагласи дека ЕУ никогаш нема да се согласи една земја што не е нејзина членка да прибира даноци во име на Унијата.

Владата во Лондон предложи план со која се предвидува слободен пристап на Велика Британија до пазарот на ЕУ и по Брегзитот, што би подразбирало и спроведување на царинските норми.

- ЕУ не може и нема да даде овластување за примена на нејзините царински политики и правила на држава што не е нејзина членка и што не подлежи на европските управни структури, нагласи Барние



Автор: Администратор
Објавено на: 27/07/2018 00:37