Во второто полугодие од годинава сериозно ќе се зголеми искористеноста на предвидените 393 милиони евра буџетски средства за капитални инвестиции и на оние кои се на располагање надвор од буџетот за патната и железничката инфраструктура, најави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески по увидот во патиштата до технолошко развојната зона кај Алинци, близу Прилеп.
Зголемувањето на искористеноста го најавуваат динамиката на работите во патната и железничката инфраструктура, како и текот на плаќањата преку институциите, а досегашниот низок процент на искористеност, се должи, како што оцени Сугарески, на наследените лоши проекти.
- Нискиот процент од само 16 отсто на капиталните инвестицици во првото полугодие од годинава, главно се должи на исклучително лошите проекти наследени од претходната власт, како и поради невлегувањето на „Синохидро“ во пресметката на капиталните инвестиции во првиот квартал. Јас сум убеден дека ќе има сериозно зголемување на капиталните инвестции. Само за пример, зголемувањето на капиталните инвестиции меѓу првиот и вториот квартал во Министерството за транспорт и врски е 55 проценти, а за 20 насто е зголемувањето во ЈП за државни патишта, истакна министерот.
Министерот Сугарески и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Александар Младеновски нагласија дека работите на патната инфраструктура ќе бидат готови за 15 месеци, а на водоводот до крајот на октомври.
- Станува збор за исклучително значаен проект, кој, прво, ќе ја овозможи безбедноста во сообраќајот. За пристапните патишта од 2,8 километри инвестицијата е вредна околу четири милиони евра и е неопходна за инвеститорите во зоната кои ќе градат тука, целосно да го извршуваат својот транспорт, рече Сугарески.
Младеновски дополни дека има заинтересирани инвеститори. - Во јануари ја завршиме канализациската мрежа. Ќе се обезбеди привремен влез додека трае градбата. Дирекцијата оваа и наредната година во зоната ќе инвестира повеќе од пет милиона евра. Следната година ќе почнеме зоната и да ја гасифицираме, изјави директорот.
Според градоначалникот Илија Јованоски, Прилеп нуди логистичка поддршка за идните домашни и странски инвеститори. - Технолошко развојната зона Алинци се простира на 67 хектари. Една четвртина е зафатена. Досега работат три компании: „Гентерм“, „Акоимпласт“ и „Вик“, рече Јованоски.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески нагласи дека работите на патната и железничката инфраструктура ќе се интензивираат во август и септември.
- Голем број тендери се во завршна фаза преку ЈП за државни патишта, и тоа: за 12 патни правци кои се финансираат преку Светска банка, 26 патни правци што се финансираат преку ЕБОР и секако со средствата што ЈП за државни патишта што ги има на располагање во висина од една милијарда денари и 470-те милиони денари кои се преку ЈП „Македонија пат“. Притоа, постојано се врши контрола до каде се работите во инфраструктурата, рече Сугарески.
Се очекува автопатот Миладиновци-Штип да биде готов согласно роковите, интензивно се работи на патот Штип-Радовиш, во тек се одобренијата за Градско-Дреново, се интензивираат работите врзани за патот Градско-Прилеп.
- На крајот на градежната сезона целосно ќе објасниме до каде е изградбата на патиштата и до денар како се потрошени парите преку ЈП за државни патишта. Со интензивирање на патната инфраструктура, ќе го зголемиме нивото на капиталните инвестиции што треба да се случи во третиот и четвртиот квартал од годинава зашто тогаш се евидентни ефектите, подвлече министерот