Американскиот претседател Доналд Трамп денеска преку Твитер го негираше тврдењето на неговиот доскорешен адвокат Мајкл Коен дека знаел за средбата на син му Доналд Трамп Помладиот со руската адвокатка Наталија Веселнитскаја, која наводно нудела компромитирачки материјали за демократската претседателска кандидатка Хилари Клинтон.
Адвокатот Коен важеше за близок соработник на Трамп додека не беше обвинет од страна на специјалниот обвинител Роберт Малер, по што објави тајно снимени разговори со американскиот претседател.
- Се вратив во Вашингтон и ме пречекаа овие смешни вести од искомпромитираниот Роберт Малер и неговата банда од 13 гневни демократи кои очигледно не можат да најдат докази за моја поврзаност со Русија. Единствената поврзаност со Русија е кај демократите. НЕ знаев дека мојот син Дон Џуниор имал средби. Изгледа дека некој се обидува да измисли приказни за да се извлече од неповрзана неволја (такси возила)? Дури ангажирал адвокати на Бил и расипаната Хилари. Се прашувам дали тие му помогнале да се реши на ова што го прави!, напиша Трамп на Твитер.
Коен се соочува со обвинение за илегално тргување со њујоршки такси лиценци и Трамп го обвини дека во соработка со адвокати блиски на Хилари Клинтон решил да се вклучи на медиумската кампања против него.
Адвокатката Веселнитскаја имала средба со Доналд Трамп Помладиот за време на изборната кампања, при што наводно нудела докази кои би можеле да се употребат против Хилари Клинтон. Доналд Трамп Помладиот изјави дека бргу ја напуштил средбата со Веселнитскаја откако таа не понудила никакви посериозни информации.
Демократската партија тврди дека Веселнитскаја била поврзана со руските безбедносни служби, што, според нив, укажува дека Трамп добил руска помош за да ја победи Клинтон.