Рускиот претседател Владимир Путин го покани неговиот американски колега Доналд Трамп да ја посети Москва и воедно најави дека е подготвен самиот да дојде во Вашингтон.
Зборувајќи во Јоханесбург, каде учествува на самит на земјите од групата БРИКС, Путин рече дека телефонските разговори не се доволни и дека се потребни директни контакти за иранското нуклеарно прашање и други теми.
- Ние сме подготвени за такви средби и подготвени сме да го поканиме претседателот Трамп во Москва. Тој веќе ја има поканата и јас му реков дека е поканет, изјави Путин.
Нивната средба во Хелсинки предизвика бура од реакции во американската опозиција, која го обвинува Трамп дека е премногу попустлив кон Русија, но и во владејачката Републиканска партија.
По средбата, Трамп најави дека неговиот советник за национална безбедност Џон Болтон е задолжен да организира посета на Путин на Вашингтон во текот на есента, за потоа да биде најавено дека посетата ќе се случи на почетокот на следната година, кога во САД ќе се смират страстите околу наводното руско мешање во изборите во 2016 година.