Кина би можела да ги претвори во „тројански коњи“ земјите од Западен Балкан, кои еден ден ќе станат членки на ЕУ, смета еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан.
- Кинеската комбинација на капитализам и политичка диктатура би можела да привлече одделни лидери од регионот на југоисточното крило на континентот, изјави Хан за порталот „Политико“.
Тој наведува дека последниве години во ЕУ постои загриженост поради влијанието на Русија на Балканот, но дека има причина за уште поголема загриженост поради Кина, која има значајни инвестиции во инфраструктурни проекти во регионот и преку нив би можела да обезбеди и политичко влијание врз балканските држави.
Хан нагласува дека иако се согласува со ставот на францускиот претседател Емануел Макрон дека пред следното проширување на Унијата потребно е прво реформирање на блокот, сепак смета оти граѓаните од земјите од Западен Балкан „имаат право да станат и граѓани на ЕУ“.
- Реформите (на ЕУ) и преговорите (за членство) можат да се спроведуваат во исто време, оценува Хан, додавајќи дека преговорите со Македонија и Албанија би можеле да почнат следната година и целиот преговарачки процес може да зврши во рок од 14 месеци.
Кога станува збор за Босна и Херцеговина, според Хан, пред отпочнување на преговори за членство во ЕУ во оваа земја мора да се промени политичката структура воспоставена со Дејтонскиот договор од 1995 година, додека Косово прво ќе мора да ги реши односите со Србија.