Светската здравствена организација (СЗО) и нејзините партнери денеска ги повикаа сите земји и здравствени институции итно да ги интензивираат тестовите за хепатитис со цел да го елиминираат вирусниот хепатитис како закана за јавното здравје до 2030 година.
- Овој апел е испратен во пресрет на Светскиот ден за борба против хепатитис, на 28 јули, со пораката „Тест. Третман. Хепатитис“, соопшти СЗО.
Вирусниот хепатитис Б и Ц загрозува 325 милиони луѓе во светот. Доколку не се лекува, доаѓа до рак на црниот дроб и цироза, причина за 1,3 милиони смртни случаи само во 2015 година.
Во светот, помалку од 20 проценти од луѓето имале пристап до тестирање и лекување од хепатитис Б и Ц до крајот на 2016 година.
Со цел да се одбележи Светскиот ден за борба против хепатитис, СЗО организираше неколку настани во соработка со монголската влада, земја со голема опфатеност на болни од хепатитис, но истовремено и лидер во глобалната борба против болеста.
Повеќе од 10 отсто од три милиони монголски жители имаат хроничен хепатитис, поради што земјата во 2017 година започна своја национална програма за здравствена заштита наречена „Здрав црн дроб“.
Монголија има намера да обезбеди прегледи на 1,8 милиони луѓе на возраст над 15 години.
Западниот пацифички регион има најголем број луѓе кои живеат со хроничен хепатитис. Секој ден, 1.200 луѓе во регионот умираат, бидејќи нема пристап до ефикасен третман на хепатитис, наведува СЗО.