Лидерите на Европската унија ќе разговараат за Брегзит кога ќе се состанат во австрискиот град Салцбург, на 20 септември, соопшти денеска кабинетот на британската премиерка Тереза Мај, по разговорите со австрискиот канцелар Себастијан Курц.

- Самитот ќе биде посветен на илегалната миграција, а во врска со тоа, премиерката потврди дека Велика Британија ќе продолжи да соработува со ЕУ и по Брегзит, се наведува во соопштението.

Велика Британија се уште не ги усогласи долгорочните трговски односи со ЕУ, ниту пак го финализира преодниот договор кој треба да влезе во сила кога таа земја ќе се повлече од блокот на 29 март следната година.

Преговарачот на ЕУ за Брегзит, Мишел Барни во четвртокот ги отфрли клучните елементи на новите трговски предлози на Велика Британија и заедно со својот британски колега Доминик Раб изразија подготвеност дека договорот ќе биде постигнат до октомври.

Курц, чија земја моментно претседава со Унијата, во петокот разговараше со Тереза Мај во Салцбург и рече дека е важно двете страни да го избегнат „тешкиот“ Брегзит.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/07/2018 23:22