Палестинската 17-годишна активистка Ахед Тамими утринава беше пуштена од затвор, каде мина осум месеци заедно со нејзината мајка Нариман, поради напад врз израелски војници. Ахед Тамими закажа прес конференција за попладнево во нејзиниот роден град Наби Салех, во палестинската област Западен Брег.
Едно од најпрепознатливите лица на палестинските протести, Тамими стана позната во декември 2017 година, кога пријатели ја снимаа како клоца и удира војници пред нејзината куќа. Таа прифати да се изјасни како виновна за напад пред судот, по што доби осуммесечна затворска казна.
- Очекуваме да продолжиме со нормален живот, изјави нејзиниот татко Басем, кој воедно соопшти дека семејството ги прекинува протестите кои ги организираше секоја недела во Наби Салех, и дека ќе се фокусираат на избор на факултет за Ахед. Сепак, зборувајќи за новинската агенција ДПА, Басем додаде дека „окупацијата го принудува семејството на протести“.