Американскиот претседател Доналд Трамп го обвини специјалниот обвинител Роберт Малер за „конфликт на интереси“, поради кој не смее да води истрагата на наводното руско мешање во претседателските избори во 2016 година.

Во неколку твитови Трамп вчера напиша дека во текот на годините имал „многу лоши и конфликтни работни односи“ со Малер.

- Дали некогаш Роберт Малер ќе ги открие конфликтите на интереси со претседателот Трамп, вклучувајќи го и фактот дека имавме многу лоши и конфликтни работни односи. Го одбив за шеф на ФБИ (еден ден пред неговото назначување за специјален обвинител) и Коми му е близок пријател, напиша Трамп.

Тој го отпушти Коми од функцијата директор на ФБИ во мај 2017 година, кој од тогаш е многу критичен кон претседателот.

Како специјален обвинител, Малер треба да утврди дали руски претставници се мешале во предизборната кампања во 2016 година и дали има заговор меѓу руски функционери и штабот на Трамп.

Во вчерашните твитови Трамп праша зошто Малер се фокусира само на него и неговиот предизборен штаб, а не ги истражува и демократите. Тој додаде дека „ловот на вештерки“ против него почнал од „лажно досие“, за кое платиле „расипаната Хилари“ Клинтон и Демократската партија.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/07/2018 11:24