Половина од гласачите во Велика Британија се за одржување референдум на кој ќе се избира меѓу договорот што Владата сака да го издејствува од ЕУ, Брегзит без договор, или останување во Унијата, покажа анкета на телевизијата „Скај Њуз“ објавена денеска.

Според истражувањето, 40 отсто од Британците се против таков референдум, а 10 проценти се без мислење. Околу 78 отсто од анкетираните сметаат дека Владата на премиерката Тереза ​​Меј лошо се справува во преговорите за Брегзит. Само 10 отсто сметаат дека Кабинетот работи добро.

Поддршката за Меј е намалена на 24 проценти, покажува анкетата на „Скај дејта“ – одделот за маркетинг на телевизијата. Испитаниците се поделени и во мислењата дали Брегзит ќе биде за добро или за лошо - 40 проценти тврдат дека ќе биде за добро, а 51 проценти го сметаат спротивното.

На предлогот да изберат еден од трите - зделката на Меј, напуштање без договор или останување во ЕУ - 48 отсто велат дека се за членство во Унијата, 27 отсто се за „хард“ Брегзит, а 13 проценти го одобруваат владиниот проект за договор. Луѓето кои нема да гласаат или се без мислење изнесуваат осум и три отсто, соодветно.

Национално репрезентативната анкета на „Скај дејта“ (Skydata) била спроведена од 20 до 23 јули и во неа учествувале 1.466 онлајн корисници.

На референдумот во јуни 2016 година 17,4 милиони. Британски избирачи (51,9 отсто од учесниците) се изјаснија за напуштање на Европската унија, а 16,1 милиони (48,1 отсто) поддржаа останувањето во Унијата. Прогнозите на многу анкети дека Британците ќе гласаат за останување на земјата во ЕУ, се покажаа неточни.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/07/2018 12:28