Оптимистичките изјави на првиот човек на Европската комисија, Жан-Клод Јункер и на американскиот претседател Доналд Трамп, по средбата во Вашингтон, на која се договорија да постигнат решение за избегнување на трговска војна, кријат нови можни внатрешни поделби за Европската Унија.

Затегнатите односи помеѓу ЕУ и САД од почетокот на мандатот на Доналд Трамп се влошуваа од месец во месец. Прва причина беше повлекувањето на Вашингтон од Парискиот договор за клима, следеше повлекувањето од договорот за иранската нуклеарна програма, американското флертување со рускиот претседател Владимир Путин, а кулминираше со нападите врз сојузиниците опд НАТО од страна на Трамп, додека истовремено неговата Администрација носеше одлука за оцаринување на европскиот увоз на челик и алуминиум.

Оваа одлука се одразува и ќе се одразува и врз македонската економија, бидејќи ЕУ воведува свои рестрикции на увозот на челик од трети земји, а таа индустрија во Македонија тежи пет отсто од БДП.

На американската одлука за оцаринување на овој витален европски сектор, ЕУ одговори со над три милијарди свои царини врз критични американски производи. Но, наместо да ја спушти топката, американскиот претседател се закани со зголемување на царините за автомобилската индустрија. Оваа можност го вклучи алармот кај најголемата земја членка на ЕУ - Германија, која би била и најпогодена од ваква мерка.

Многу брзо потоа, Јункер одлучи да отпатува во Вашингтон, каде иако немаше мандат за тоа, најави дека САД и ЕУ ќе преговараат за трговски договор. Додека траат овие преговори, Трамп прифаќа да не ги оцаринуваат автомобилите, додека ЕУ ветува да увезува повеќе соја и повеќе течен природен гас од САД. Во меѓувреме двете страни потврдија дека преговараат за надминување на разликите за царините врз челикот и алуминиумот.

Но, пет дена по трговскиот „прекин на огнот“, останува сосема неизвесно што и како точно се договориле Брисел и Вашингтон. Трансатлантската трговија е политички многу чувствителна тема, посебно во одредени земји членки на ЕУ, поради што, пред две години, целосно пропадна обидот за склучување на историскиот билатерален трговски договор попознат како ТТИП или ТАФТА.

Земјоделството на удар

Првото и главно недоразбирање по минатонеделната средба Јункер - Трамп се однесува на земјоделските производи.

Американскиот претседател ден по прес-конференцијата, на митинг со американските земјоделци најави дека го отворил пазарот за земјоделските производи. Веќе следниот ден беше демантиран од Јункер во интервју во кое децидно порача дека земјоделските производи се исклучени од преговорите. Меѓутоа, американскиот министер за финансии Стивен Мнучин вчера го демантираше демантот на Јункер и потврди дека се разговарало за земјоделските производи.

- Зборувавме специфично за сојата, но се договоривме да ги разгледаме другите пазари, изјави Мнучин, кој додаде дека земјоделството ќе биде важен дел од договорот што ќе се постигне.

Земјоделските производи и се посебно важни на Франција, чиј претседател Емануел Макрон, по средбата во Вашингтон не изрази задоволство и изјави дека се противи на нов трансатлантски трговски договор, затоа што „контекстот тоа не го дозволува“, додека неговиот министер за економија оцени дека договор не може да се постигне под притисок.

Франција, и посебно земјоделците и активисите, беа меѓу најгласните противници на ТТИП кога се преговараше овој договор. Низ улиците ширум Европа редовно се мобилизираа граѓани и фармери против договорот со САД, стравувајќи дека американските фармерски практики и евтини цени ќе го преплават европскиот пазар и ќе ги намалат европските стандарди за квалитет и почитување на животната средина.

Така, на пример, Европејците се посебно чувствително на генетски модифицираните производи, кои се вообичаени во САД. Европејците се противат и на американското говедско месо третирано со хормони или пак хлорираното пилешко.

Некои сметаат дека тоа се само оправдувања и дека европските фармери всушност стравуваат од конкурентноста на нивните американски колеги.

Германски интереси

Во Германија, каде автомобилската индустрија тежи многу повеќе од земјоделската, договорот Трамп-Јункер наиде на позитивни реакции и беше поздравен како успех кој ќе спаси милиони работни места. Единствено Германија всушност го доби она што го бараше - да се стопираат царините зз автомобилската индустрија. Другите придобивки, сојата и течниот гас, се пред се успеси за САД.

Оттука и бројните критики кои пристигнаа на адреса на претседателот на Европската Комисија, по неговото враќање од САД.

Најгласен беше францускиот весник „Либерасион“, кој објави текст насловен „Јункер во служба на Бе-Ем-Ве“. Авторот на текстот, долгогодишен дописник од Брисел, оценува дека постапката на Јункер претставува „демократски проблем“, затоа што тој не доби мандат од земјите членки да преговара за нов трговски договор со САД. Потоа додава дека ниедно од европските барања не биле земени предвид на средбата со Трамп.

Едно од тие европски барања, на пример, е пристапот до американските јавни пазари, заштитени во САД со законот за купување американски производи. Весникот забележува и дека на средбата не станало збор за европските санитарни и технички стандарди, ниту пак за Парискиот климатски договор или пак за американските екстратериторијални санкции кои ги загрозуваат европските компаниите кои соработуваат со Иран, откако беше склучен договорот за нуклеарната програма.

Иако не станува збор се уште за формални преговори, за што Еврокомисијата ќе мора да добие мандат од земјите членки, весникот смета дека станува збор за „трик“ на Јункер и Трамп да го вовлечат земјите членки во нови трговски преговори под притисок, а Франција би се нашла изолирана доколку одбие да даде мандат за преговори поради стравувањата за земјоделскиот сектор.

Според новинарот, но и други француски коментатори, претседателот на Европската комисија се ставил во одбрана на германските интереси, а не на целата Европска Унија, како што му налага функцијата и со тоа, пишува Либерасион, ризикува да го „урне европското единство“.

Во моменти кога Унијата веќе се соочува со длабоки поделби по повеќе линии, како миграцијата и реформата на Еврозоната, останува отворено прашањето дали овој „дипломатски успех на Јункер“ не крие лоши изненадувања.

Тања Милевска



Автор: Администратор
Објавено на: 30/07/2018 13:17