Се намалуваат акцизите за малите произведувачи на алкохол, со новиот Предлог закон за акцизи, што го подготви Министерството за финансии, а кој е усогласен со директивите директивите на Европската унија.
Според Предлогот, малите дестилерии ќе плаќаат 50 проценти од полната акциза по литар алкохол, а земјоделците - мали производители 8,5 проценти од полната акциза по литар алкохол. Кај големите производители на алкохол, акцизата останува иста.
- Дополнителна поволност која ја предвидува законот е тоа што отсега акцизата за тутунски производи и алкохолни пијалаци ќе се плаќа со пуштање во промет на производот. Досега акцизата се плаќаше однапред, односно со подигање на акцизните марки, појаснуваат од Министерството за финансии.
Исто така, ќе се намали акцизата за меѓупроизводите, како на пример ликер и вермут, за околу 50 проценти.
Со новиот закон за акцизи се овозможува увоз и пуштање во промет на нови тутунски производи, кои досега граѓаните ги набавуваа од странство.
Поради следење на увозот и извозот на струјата, природниот гас, јаглен, кокс и лигнит, тие стануваат акцизно добро со овој закон, со тоа што акцизата се одредува на нула проценти. Тоа значи дека увезувачите нема да имаат дополнителен трошок, односно нема да плаќаат акциза.