Побрз проток на стоки, олабавување на казнената политика и хармонизација со законодавството на Европската унија, предвидуваат измените и дополнувањата на Царинскиот закон, кои попладнево ги усвои Собранието на Република Македонија.
Министерот за финансии Драган Тевдовски пред пратениците појасни дека целта на измените е подобрување на легислативата за да се создаде, како што рече, униформна, правична и пропорционална примена на прекршочните одредби, соодветно на тежината на сторениот прекршок.
- Со предложените измени во прекршочните одредби се врши намалување на глобата од 250 евра на 50 евра за правно лице и од 50 евра на 15 евра за физичко лице, за делот од царинските прекршоци за кои е предвиден мандатен платен налог, рече Тевдовски.
Со предложените измени се овозможува заемното признавање на издадените одобренија за овластен економски оператор во рамки на ЦЕФТА, што ќе придонесе за олеснување на регионалната трговија. Тоа, според министерот за финансии, е голема придобивка за македонските трговски друштва кои тргуваат во регионот, на кои ќе им се овозможи побрз проток на стоката која се извезува, помалку физички и документарни контроли и можност да го одберат местото каде ќе се спроведат контролите.
Со измените на Законот се врши и усогласување со Конвенцијата за заедничка транзитна постапка. Со тие измени се усогласуваат одредбите кои се однесуваат на употреба на гаранции за обезбедување плаќање на царинскиот долг или други давачки кои можат да настанат во врска со стоката ставена во транзитна постапка.