Покојниот основач и шеф на „Фиат Крајслер“, главниот директор Серџо Маркионе бил ноторен воркохолик кој редовно спиел во авионот на компанијата.
Со него редовно патувал меѓу двата брега на Атлантскиот Океан, често прво „слетувајќи“ на насловните страници поради мудрите деловни решенија. Но, наспроти јавниот профил, тој од својот Управен одбор ја чувал тајната дека е тешко болен повеќе од една година.
По неговата ненадејна смрт минатата недела, на 66-годишна возраст, откритието дека Маркионе толку долго ја криел болеста и од компанијата и од своите најблиски соработници, ја поттикна дебатата за тоа дали директорите мораат податоците за својата здравствена состојба да ги споделуваат со компаниите и акционерите.
Додека едни укажуваат дека и директорите имаат право на приватност, пред се, во врска со здравјето, други сметаат дека објавуањето на лошите вести за тоа би помогнало да се разбие табу темата за болестите на раководителите и вработените. Највисоките раководители треба да имаат предвид дека прво се одговорни пред управните одбори, а потоа и пред вработените и инвеститорите.
- Мислам дека ова е класичен случај дека кога сте стар, а болен, сте стигматизирани. Во овој случај тој (Маркионе) можеби мислел дека тоа негативно ќе влијае на компанијата или дека нема да му дозволат да продолжи да работи, вели Кери Купер, експерт за организациска психологија и здравје на Деловниот факултет во Манчестер.
Случајот на Маркионе е единствен и по тоа што тој поистоветуваше со новиот производител на автомобили што го формираа двете компании кои пропаѓаа - „Фиат“ и „Крајслер“.
Имајќи го предвид планот на Маркионе да се повлече во пролетта 2019 година, финансиските аналитичари веќе изразуваа загриженост дека неговите наследници нема да можат да работат креативно и флексибилно како што работеше тој.
Управниот одбор на „Фиат Крајслер“ на 21 јули по итна постапка го смени Маркионе од местото извршен директор, веднаш штом неговото семејство го информирало дека тој не може да се врати на работа поради „компликации по операција на рамото“. Но, швајцарската болница во која тој почина во средата, потоа обелодени дека Маркионе се лекувал таму повеќе од една година поради сериозна болест.
„Фиат Крајслер“ на ова открите реагираше со соопштение дека компанијата не знаела за долгогодишната здравствена состојба на Маркионе.
Така на крајот на минатата недела „Фиат Крајслер“ загуби речиси 11 проценти од вредноста на акциите на нестабилниот берзански пазар, а само на Њујоршката берза девет отсто.
Професорот по менаџмет на Универзитетот Јеил, Џефри Соненфелд вели дека директорите имаат „морална, етичка и правна одговорност да ги разгледаат негативните материјални последици за многу важната информација“, како што е здравствената состојба.
- Како директор вие се откажувате од одреден степен на приватност, додава професорот.
Соненфелд како добри примери го посочува тоа што директорот на „ЈП Морган“, Џереми Дајмон и главниот извршен директор на „Голдман Сакс“, Лојд Бланкфајд ги информираа своите управни одбори и вработените дека се заболени од рак и продолжија да работат.
Од друга страна, фирмата „Епл“ знаела за болеста на својот освновач Стив Џобс, но во 2008 година објави дезинформации за тоа. - Тоа беше полошо од спинови. Тоа беа невистини, вели Соненфелд.
Џузепе Берта, кој напиша неколку книги за „Фиат“ и за „Фиат Крајслер“ и кој лично го познавал Маркионе, изјави дека е изненаден затоа што за неговата болест не знаел ни наследникот на семејството основачи и сопственици на „Фиат“, Ањели, ниту претседателот на „Фиат Крајслер“, Џон Елкан.
- Очигледно дека одностите меѓу директорот Маркионе и акционерите се влошиле во голема мерка, изјави Берта.
Иако Маркионе го постави „Фиат Крајслер“ на силна финансиска основа, елиминирајќи го долгот како и што вети, овој производител на автомобили не вложуваше во нови производи како што правеше конкуренцијата, вклучувајќи електрични возила и автомобили со автономно управување, туку сакаше тоа да го реализира дури по спроведувањето на петгодшниот план што го презентираше неодамна. Меѓутоа таквото размислување претставува некорисна последица на суетата, смеаат експертите.
- Никој и навистина никој не е незаменлив. Сите велеа: Што ќе се случи со „Епл“ по Стив Џобс? А дали на фирмата и се случи нешто лошо?, вели британската професорка по деловна психологија Купер.