На охридско-струшката ривиера се бара место повеќе. Сместувачките капацитети се исполнети до максимум, информира претседателот на ХОТАМ Крсте Блажески.

Тоа, како што нагласи, е добро. Туристичката сезона го достигнува својот врв, а туристичките работници, работат за целосна исполнетост и добра сезона.

- Хотелите се преполни, се бара кревет плус и кај приватните станоиздавачи. Од она што сум информиран од терен, на охридско-струшкото крајбрежје се е исполнето до последното место, пребукирани сме, изјави Блажески за МИА.

Секоја година туристичкиот максимум е околу 2-ри август, односно крајот на јули и почетокот на август, а причина за тоа, споре него, е богатата културна и забавна понуда.

- Забавите и културните настани во овој период се најбројни, токму тие во најголем број ги привлекуваат гостите. Познати ди-џеи, звучни естрадни имиња, културни манифестации..., секојдневно гостуваат на ривиерата, подвлече првиот човек на ХОТАМ.

Туристичката понуда на охридско-струшкото крајбрежје годинава е збогатена со изградбата и пуштањето во употреба на неколку луксузни хотели, што го подига и нивото на услугите.

Исполнетоста е голема и на Преспанкото крајбрежје и во Дојран, а Блжески ги повика домашните, но и странските туристи да ја посетата Македонија и да ги видат убавините што таа ги поседува.

- Препорака до домашните, но и странските гости: посетете ги убавините на Македонија. Дали тоа ќе биде едно од езерата кое ќе го одберете или ќе се одлучите за друга алтернатива, квалитетот на услугите е на високо ниво и сите хотели и помали сместувачки капацитети се подготвени да ве деочекаат. Посетете некоја македонска дестинација, нагласи Блажески.

Покрај од земјава, и годинава остануваме најпривлечна дестинација за Холанѓаните, но не изостануваат ниту гостите од соседството, Полска, Белгија, Турција..



Автор: Администратор
Објавено на: 31/07/2018 11:16