Интервентен откуп на пченицата, иако е доцна, побараа производителите на лебното зрно од Пелагонискиот, Полошкиот и од Скопскиот регион на денешната средба во Прилеп со Националната федерација на фармерите на Македонија. Според производителите, се исполнуваат законските норми зашто производствената цена од 9,14 денари што ја одреди Министерството за земјоделство е повисока од откупната од 7 до, максимум 8,5 денари каква што е во моментов.

- Родот на пченицата годинава е едно според проекциите, а друго во практиката. Жетвата на пченицата во Македонија е при крај, но последиците се големи. Имаше град, поплави, ветер. Најлошо беше во штипскиот и во велешкиот регион. Жетвата е при крај, а ние сме во незавидна ситуација зашто откупната цена е пониска од производствената. Од Министерството за земјоделство кажаа дека производната цена е 9,14 денари, но откупната се движи од 7, максимум до 8,5 денари како што е во пелагониско. Не знам што да правиме, неопходен е интервентен откуп од државата зашто се исполнуваат законските норми. Производната цена од 9,14 денари е повисока од откупната цена, вели Стеванче Орданоски, земјоделец од Пелагонија.

- Цената на пченицата да биде заштитена со минимална цена од 12 денари за еден килограм. Бараме да има интервентен откуп иако роковите се поминати, значи државата треба да не рефундира, вели Мемед Синани земјоделец од Полошкиот регион.

Пролетната проекција за род од 200 илјади тони е официјално сведена на откуп на 70 илјади тони пченица. Данокот го зедоа нестабилните климатски услови и ниските откупни цени што ги нудат мечничарите. Националната федерација на фармерите бара враќање на градобијните ракети за заштита на земјоделското производство.

- Веднаш да се вратат градобијните ракети од кои во минатото имавме придобивки, потоа влегување на анти-фроз системите, таканаречените оросувачи и заштитините мрежи и фолии во програмата за рурален развој, вели Васка Мојсовска, претседател на Национална Федерација на фармери на Македонија

Според Федерацијата и берзанските цени, Македонија има најниска цена на пченицата во регионот. Во Хрватска е 8,84, во Србија е 9,12, во Бугарија 10, 55 денари за килограм пченица.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/07/2018 17:22