САД го држат за збор севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун кој на јунскиот самит со американскиот претседател Доналд Трамп се обврза на денуклеаризација, изјави синоќа портпаролката на Стејт департментот Хедер Нојерт.
Таа на брифинг за новинари ги коментираше наводите на висок американски функционер кој за некои светски агенции рекол дека американски шпиунски сателити откриле обновена активност во севернокорејска фабрика која ги произвела првите интерконтинентални балистички ракети кои можат да стигнат до САД.
Нојерт исто така ја остави отворена можноста за нови разговори за денуклеаризација меѓу државниот секретар Мајк Помпео и севернокорејски претставници на маргините на состаноците на Помпео во Сингапор следниот викенд.