Пилотите на нискобуџетната компанија „Рајан Ер“ во Белгија, Германија, Шведска и Холандија најавија штрајк од 10 август, кон кој се очекува да се придружат и нивните колеги во Португалија.
Персоналот протестира против лошите услови за работа во компанијата и бара од „Рајан Ер“ да ги применува националните законодавства, наместо ирското, како што е случај сега. Ирското законодавство нуди пониска заштита за работниците отколку голем број други европски земји, порачуваат синдикатите.
По штрајковите на ирските пилоти, компанијата се закани со отпуштања и дислокација во Полска, што дополнително ги разгневи синдикатите.
Пилотите од другите европски земји ќе штрајкуваат во знак на солидарност со колегите во Ирска, барајќи поништување на одлуките за дислокација и отпуштањата на ирските пилоти и започнување на вистински социјален дијалог во компанијата.
- Ги повикуваме исто така националните и европските власти да преземат одговорност и да ги осудат практиките на „Рајан Ер“, соопшти белгискиот синдикат ЦНЕ.