Земјоделците од Пелагониско денеска имаа можност да ги слушнат предностите од користењето сончеви колектори во производството.

Презентацијата ја организира здруженијата „ЛАГ Агро Лидер“ и „Солар Македонија“ во Прилеп.

- Македонија е регион кој има можеби и најдобри услови за искористување на сончевата енергија, но искористувањето е многу мало. Проектот има цел да ја подигне свеста за нејзиното искористувасње, особено во земјоделскиот сектор зашто нуди огромни можности. Сончевата енергија може да се искористува преку топлински и фотоволтаични колектори, а денеска, првпат на овие простори, ги промовираме хибридните колектори кои даваат и електрична и топлинска енергија. Ова е особено битно за земјоделците кои се во региони каде речиси нема електрична енергија и ќе им помогне при изградбата, на пример, на сушалници за овошјето, рече Илија Насов, претседател на Соларната асоцијација на Македонија.

Тој укажа дека има можности земјоделците да ги финансираат зафатите за соларни системи преку ИПА или ИПАРД фондовите или преку поволни банкарски кредити.

Според Марина Тошевска од „Агро Лидер“, искористувањето на обновливите извори на енергија во земјоделството може да ја зголеми продуктивноста.

Дејан Јаневски од проектот за деловен екосистем што го финансира УСАИД, земјоделците покажуваат голем интерес за искористувањето на сончевата енергија.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/08/2018 16:00