Илјадници Данци протестираа денеска во Копенхаген против забраната за носење на јавни места облека што го покрива лицето, како што се бурка и никаб.

Демонстрантите ја обвинија владата за кршење на правото на жените да се облекуваат како што тие сакаат.

Демонстрантите, од кои многумина носеа никаб или бурки, организираа протестен марш од централниот кварт Норебро до полициската управа Белахој..

Меѓу демонстрантите имаше и мали деца, како и муслимански жени кои не носеа шамија, и немуслимански жени со покриени лица. Не се пријавени инциденти.

Законот познат како „Забрана за бурката“ беше предложен од десничарската коалиција и усвоен на 31 мај годинава со 75 гласови „за“ и 30 „против“. Но, Законот се однесува на покривање на целото лице, како што е никабот, но важи и за носење на скијачки маски, маски за лице и лажни бради, но не и за заштитни маски. Со Законот не се опфатени зимската облека и шаловите, како и костимите и маските за карневал.

За кршење на Законот предвидена е казна од 1.000 дански круни (околу 156 долари), додека при секое следно кршење се зголемува висината на казната. Ако Законот четврти или повеќе пати е прекршен од исто лице, тоа ќе плати и казна до 10.000 круни (околу 1.560 долари).

Данската Влада претходно наведе дека Законот не е насочен ниту кон една религија и не забранува марама на глава, турбан или традиционалните еврејски капи.

Сличен Закон е усвоен во Австрија, Франција и Белгија.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/08/2018 21:09