Белата куќа денеска соопшти дека САД воведуваат санкции против турските министри за правда и за внатрешни работи Абдулахит Ѓул и Сулејман Сојлу во врска со случајот со американскиот свештеник Ендру Бренсон, кому во Турција му се суди за тероризам.
- Сметаме дека тој е жртва на неправеден и неоправдан однос од страна на турската влада, изјави портпаролот на Белата куќа, Сара Сендерс.
- Како резултат на тоа, секој имот или интерес во имот на двајцата министри, согласно американското законодавство, е блокиран, а на американски државјани им се забранува да вршат трансакции со нив, додаде Сендерс.
Бренсон е обвинет за соработка со мрежата на исламистичкиот проповедник Фетула Ѓулен, како и со Курдската партија со цел да напреави хаос во земјата . На Бренсон му се заканува казна затвор од 15 години за соработка со мрежата на Ѓулен, која се смета за одговорна за обидот за државен удар во Турција, како и за соработка со Курдската работничка партија, која во Турција е прогласена за терористичка организација. Уште 20 години затвор може да добие доколку биде прогласен за виновен по обвинението за шпионажа.
Бренсон во Турција живее повеќе од 20 години, а беше уапсен веднаш по неуспешниот обид за државен удар во јули 2016.
Свештеникот со потекло од Северна Каролина негира каква било вмешаност, додека САД подолг период бараат негово ослободување. По година и пол во притвор, од минатата среда тој се наоѓа во куќен притвор.