Првите дипломати на земјите од Југоисточна Азија ја отворија годишната средба на која ќе се разговара за голем број прашања поврзани со безбедноста, а меѓу нив и за територијалните спорови во Јужното Кинеско Море. Домаќинот Сингапур, исто така, повика блокот да се обедини пред надворешните предизвици, вклучувајќи го и растечкиот протекционизам. - Асоцијацијата на државите од Југоисточна Азија (АСЕАН) треба да го задржи мултилатералниот економски систем, насочен кон понатамошна интеграција, изјави на отворањето на четиридневниот состанок премиерот на Сингапур Ли Сјан Лун, домаќин на форумот. - Во современи услови е многу важно Асоцијацијата да поддржува отворен мултилатерален (трговски) систем за да функционира како механизам од истомисленици за продлабочување на соработката, истакна премиерот. Тој изрази благодарност кон земјите од Југоисточна Азија што „одржуваат тесни партнерства, независно од современите предизвици, вклучувајќи ги трговските спорови на САД со АСЕАН, Кина и други земји". Сингапурскиот премиер истакна дека од своето основање во 1967 година од страна на Индонезија, Малезија, Сингапур, Тајланд и Филипините АСЕАН претрпе значителни промени. - Постигнавме политички договор за прашањата на безбедноста во регионот, земјите се насочија кон економската сфера и во 1992 година создадоа зона за слободна трговиј", потсети Ли. Сега во составот на АСЕАН влегуваат 10 држави, меѓу кои се и Брунеи, Виетнам, Камбоџа, Лаос и Мјанмар. За денеска, во рамките на форумот во Сингапур, планирани се средби на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров со иранскиот колега Џавад Зариф и со министрите за надворешни работи на Сингапур, Кина, Јужна Кореја, Филипини, прецизира ТАСС.