Планираме да го зголемиме фондот на изградба на станови на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор, селектираме локации за комерцијални објекти на кои ќе се работи со вклучување на приватниот сектор како партнер, вели во интервју за МИА Кристијан Трајковски, директор на АДССДП.

Со јавно приватно партнерство и во соработка со општините, истакнува, планираме да направиме хипер продукција. Еден од планираните проекти е за делот кој е урбанизиран на потегот кон касарната Илинден, кој, појаснува, со одлука на Влада би го презеле во рамки на нашата годишна програма за изградба. Таму би имало деловен комплекс со станбени единици. Исто така и кај паркингот кај Холидеј ин со ДУП-от се предвидени три 60-катници за кои сметам дека се идеална локација за современ бизнис центар, што му е потребен на Скопје, наведува Трајковски.

Покрај отстранување на проблемите за изградба на зградата на ул. Букурешка во општина Карпош, за која има одобрение за изградба, АД се подготвува и за изградба на уште три локации, две во општина Аеродром, и една на Јужен булевар во Општина Центар, на потегот кон Кисела Вода.

- Од двете локации во Аеродором, за едната веќе имаме одобрение, а за другата сме во постапка на добивање на одобрнието за градење. За третата планирана локација на Јужен булевар во Општина Центар на потегот кон Кисела Вода сме во фаза на препроектирање и кoга ќе биде готов проектот ќе се пристапи кон добивање одобрение за градење. Во Аеродром се две помали згради, а таа на Јужен булевар е значително поголема од над 10.000 метри квадратни. Работимe на повеќе локации во Општина Центар особено во делот на урбанистичкото планирање, но поради мораториумот што е во сила во општина Центар се уште немаме некоја јасна претстава како ќе се одвива целиот процес, вели Трајковски.

Тој во интервјуто зборува и за наследените долгови и кредити во износ од 20 милиони евра, кои биле со високи каматни стапки, а кои успеале да ги намалат.

Директорот на АДСДП најавува дека следниот месец ќе биде завршена и пуштена во употреба новата административна зграда на АДСДП, како и социјалните згради во Струмица и Гостивар.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/08/2018 10:22