Базата на американските воздухопловни сили Рајт-Петерсон соопшти дека наводниот инцидент во нејзината болница, поради кој интервенираа безбедносните и противпожарните сили, всушност бил лажна узбуна и оти персоналот на базата е безбеден.

До наводниот инцидент дошло за време на планирана вежба која опфатила сценарио со активен напаѓач кој пука, соопшти базата на Твитер.

- Непознато лице се јавило на бројот 911 (за итни случаи) мислејќи дека станува збор за вистински напаѓач во болницата на базата. Како резултат на тоа, безбедносните сили одговориле на лице место и почнале систематска евакуација на целата болница, стои во соопштението.

Во обид да отвори заклучена врата, еден припадник на безбедносните сили употребил огнено оружје.

Болницата потоа била прогласена за безбедна, а на персоналот му било наложено извесно време да ја избегнува таа зона.

Претходно базата соопшти дека во нејзината болница, во 12.40 часот по локално време, се случил „наводен инцидент“ и оти безбедносните и противпожарните сили одговориле на инцидентот.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/08/2018 10:35