Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу и американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска во Сингапур се договорија да продолжат да се обидуваат да ги решат спорните прашања меѓу двете земји, соопшти Стејт департментот.
САД воведоа санкции против министрите за правда и за внатрешни работи на Турција Абдулхамит Ѓул и Сулејман Сојлу поради случајот со американскиот пастор Ендрју Бренсон кого турските власти го обвинија за поддршка на тероризам. Турција истакна дека санкциите се неприфатливи.
Помпео и Чавушоглу разговараа во Сингапур во рамките на средбата на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН). Тие дискутираа за повеќе прашања и разговорот бил конструктивен информира портпаролката на Стејт департментот Хедер Нојерт.