САД од претседателот на Аргентина, Маурисио Макри добија зелено светло за стационирање на најмалку три американски воени бази во земјата. Ова, повикувајќи се на сопствени извори го објави мексиканскиот информативен портал „Аристеги нотисијас“.

Само ден-два по објавувањето на оваа информација, Макри најави реформи во армијата, коИ предвидуваат војската да се користи за надминување на „заканите на 21-от век, како што се трговијата со дрога и меѓународниот тероризам“.

Се знае дека „борбата против трговијата со дрога“ и „борбата против тероризмот“, слично како и „заштитата на демократијата“, се мотиви со кои Американците традиционално го правдаат своето воено присуство во различни делови од светот. По се изгледа Маурисио Макри ја вовлекува Аргентина во геополитичките интереси на САД.

Статијата во „Аристеги нотисијас“ не се појави случајно. Стравувањата дека САД активно лобираат за отворање на свои бази во Аргентина се појавија уште во февруари годинава за време на посетата на аргентинската министерка за безбедност Патрисија Булрич на САД.

За време на посетата таа разговараше со првите луѓе на Министерствто за внатрешни работи, на Федерално истражно биро (ФБИ) и на Агенцијата за борба против наркотици (ДЕА). Пратеници во аргентинскиот Парламент тогаш побараа од претседателот да објасни каков е „тајниот договор со САД“, но извршната власт не даде никакви убедливи појаснувања.

Очигледно појаснување нема да има и сега. Како што тврди „Аристеги нотисијас“, одлуката, која ќе им обезбеди на армијата и на тајните служби на САД можност да се зацврстат во Аргентина, е донесена од претседателот Макри во строга тајност и покрај законот кој за вакви случаи бара усвојување на посебна одлука од страна на Парламентот.

Неодамна Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), каде САД свират како прва виолина, реши на Аргентина да и додели кредит од 50 милијарди долари (иако Буенос Аирес побара 30 милијарди). Со тие пари ќе биде поддржана стабилноста на националната валута.

И ете дојде на ред Аргентина да работи во полза на САД. Уште повеќе што во текот на 2012 година во земјата претстојат нови избори за претседател, а поддршката од САД е добар ресурс за кој и да било политичар во Латинска Америка, вклучително и Макри.

Со пријателски настроен политичар на кормилото на државата, Вашингтон ќе може на Аргентина да и ја додели улогата на своја воена база во јужната хемисфера од каде САД ќе имаат воена контрола на јужните пространства и ќе ги контролираат зоните најбогати со природни ресурси. Тоа е основниот интерес на Американците.

Предвидено е првата воена база на САД да се наоѓа во провинцијата Мисионес на северот од земјата, каде се наоѓа тромеѓето на границите на Аргентина, Бразил и Парагвај. Официјалната идеја е базата да служи за борба против трговијата со дрога.

По споменатата посета на Патрисија Булрич на Вашингтон беше соопштено дека во таа база експерти на американската ДЕА „ќе анализираат наркотични супстанци за да го утврдат нивното производство и од каде доаѓаат“.

Меѓутоа, многумина се убедени дека „контролата на трговијата со дрога“ е само параван. Според аргентинскиот портал „Аргентина Тудеј“, американските сили сакаат да се распоредат во северна Аргентина главно поради гигантскиот воден резервоар, познат под името Гуарани. Тоа подрачје се простира на териториите на Аргентина, Парагвај, Бразил и Уругвај и претставува еден од најголемите резервоари на питка вода во светот со површина од 1,2 милиони километри квадратни (за споредба тоа е површина двојно поголема од територијата на Франција).

Неговиот воден потенцијал изнесува 37 илјади километри кубни, што според некои податоци, претставува околу половина од светските резерви на питка вода. Водата од Гуарани може да се користи уште најмалку 200 години.

И регионот во кој ќе биде изградена втората воена база на САД во Аргентина, централната провинција Неукен, според „Аристеги нотисијас“, исто така има со што да се пофали. Тоа подрачје е богато со наоѓалишта на нафта и гас.

Енергетската надмоќност и контролата врз светските енергетски ресурси неспорно се сигурниот пат кон глобалното владеење на САД. Никој во САД не би се откажал од идејата да го држи лостот на светската енергетика. Оттаму изборот на Неукен за место на американската воена база е сосема разбирлив.

Третата база САД планираат да изградат во јужна Аргентина на островот Огнена Земја. Неговото стратешко значење не е потребно да се објаснува - оттаму може да се контролира движењето на бродовите низ Магелановиот Теснец и протокот Дрејк, кој ги разделуваат Јужна Америка и Антарктикот. Оттаму минуваат бродовите кои поради технички причини не можат да го користат Панамскиот Канал.

Од друга страна оттаму Атарктикот ќе биде под постојан надзор на Американците.

Меѓународниот договор од 1961 година забранува секаква воена активност на Антарктикот. Но, кој гледа на такви ситници кога станува збор за континент со многу богати резерви на горива и други корисни метали.

Покрај ова, ледената покривка на Антарктикот е најголем светски извор на питка вода. Никој не би се обложил дека на Антарктикот никогаш нема да има војна за ресурси.

А САД можеби веќе се подготвуваат за неа. Десетици амеиркански бази - тајни или официјални, веќе се распоредени во држави во Латинска Америка и Карипскиот Басен, како Колумбија, Перу, Чиле и Парагвај. Сега и Аргентина ги има сите шанси да стане „членка на тој клуб“.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/08/2018 12:07