Меѓународната асоцијација на атлетски федерации (ИААФ) денеска објави дека статусот на најдобриот кај мажите во скок во височина за сезоната - Русинот Данил Лисенко е поништен. Тоа значи дека рускиот спортист кој имаше дозвола од ИААФ да се натпреварува како неутрален спортист (поради казната на Руската атлетска федерација), нема да му биде дозволено да настапува на Европското првенство во атлетика во Берлин. Во соопштението на ИААФ се вели дека Руската атлетска федерација била известена денеска дека бордот на ИААФ за преглед на прашања поврзани со допинг одлучи да го укине статусот на овластен неутрален спортист (AНA), даден на натпреварувачот во скок во височина. - Решението е поради информации обезбедени од Одделението за интегритет во атлетиката (AИУ) и поради одлука на телото за привремено запирање на натпреварувачките права на атлетичарот. Таа е донесена како резултат на неможноста на г-дин Лисенко да обезбеди информации за локацијата, како што се бара од Антидопинг правилата и прописи на ИАФФ, поврзани за контрола, надвор од натпреварувањата, спроведувана од AИУ. Затоа Лисенко не може да се натпреварува на Европското првенство во атлетика во 2018 година, што ќе се одржи во Берлин следната недела (7-12 август 2018 година), се вели во соопштението. Одземањето на натпреварувачкиот статус на Данил Лисенко доаѓа во момент во кој изгледаше дека се забележува подобрување во односите меѓу ИАФФ и Руската атлетска федерација. На последната седница на Советот на ИААФ во Буенос Аирес, пред една недела, беше соопштено дека Русија постигнала значаен напредок, кој би можел да доведе до враќање на националната федерација на земјата како членка на ИААФ. Руските спортисти немаат право да учествуваат во меѓународни натпревари под своето национално знаме од ноември 2015 година, кога беше откриена масовна шема за допинг во Русија, која била помогната од државата. Сепак, ИААФ допушти некои Руси, кои мораа да исполнат одредени барања, за да се натпреваруваат како неутрални. Таков беше случајот и со Лисенко, кој во јули 2018 година, на турнирот од Дијамантската лига во Монако го израмни најдобриот резултат во светот за сезоната во скок во височина - 2.40 метри. Покрај тоа, во март оваа година Лисенко стана и шампион во дисциплината на Светското првенство во атлетика во сала во Бирмингем.