Пчелари од Струга, Битола, Виница, Охрид, Прилеп и Струмица викендов имаат можност да презентираат мед, пчелни производи и опрема на 4. Саем на медот во Струга.

Саемот го организира Здружението на пчелари „Матица“ од Струга како дел од проектот „Органска фарма - рурална кохезија за зголемен потенцијал на руралниот туризам и одржлив економски рурален развој“ имплементиран од здружението „Рурбан култ“.

Претседателот на здружението „Матица“ Шефит Шемшедини за МИА вели дека ваквите манифестации се одлична можност за комуникација меѓу пчеларите, размена на искуства и едукација.

- Не ни е целта да продаваме мед, туку запознавање на пчеларите, размена на искуства и знаење. Им помагаме на младите пчелари како да почнат, како да се грижат за пчелите, како да ги заштитат и какви органски лекови да користат во одгледувањето. Повеќето ги применуваат нашите совети, но има и такви што си тераат по старо и користат лекови кои се штетни за луѓето, истакна претседателот на струшкото здружение на медари.

Освен органски мед и медни производи, стружани и посетителите може да купат и репроматеријали, центрифуги, пувалки, ножови и се што е потребно за пчеларство и производство на мед.

Шемшедини, кој има 80 пчелни семејства, вели дека лани и годинава извадил многу малку мед што не може да ги покрие трошоците, а смета и дека субвенциите од 10 евра по кошница не се доволни.

- Лани немаше ништо, а и годинава е многу слаба со мед. Потребна е поголема финансиска помош од државата и забрана за увоз на неквалитетен мед, кој може да се најде на пазарите по ниски цени, рече Шемшедини.

Претседателот на Пчеларскиот сојуз на Македонија Менде Трајковски посочи дека на саемите ги запознаваат граѓаните со сите пчелни прозиводи и ги едуцираат како да препознаат чист мед, но и ги советуваат да купуваат од познати пчелари.

- Се губи довербата кај граѓаните за квалитетот на медот. Ние носиме на штандовите кристализиран мед и им објаснуваме дека чистиот мед кристализира, па има граѓани што бараат да си купат кристализиран мед токму заради сигурност. Потребна е кампања за едукација на граѓаните, но и инспекциските органи да ја намалат, односно стопираат продажбата на фалсификуван мед. Тоа ни прави нелојална конкуренција, а и граѓаните се излажани, истакна Трајковски.

И тој се осврна на слабите приноси овие две години, но има надеж дека до крајот на летото состојбата ќе се подобри.

Целта на Саемот на мед, според претседателката на здружението „Рурбан култ“ Зора Кленкоска, е да се промовира најдобриот, органски мед од регионот.

- Покрај промоција на органски мед, проектот ќе овозможи и промоција на органско прозиводство на мед, пчеларска опрема, пчелни производи, а со тоа и зголемување на рурланиот туризам во Струга, нагласи Кленкоска.

Во рамки на проектот„Органска фарма - рурална кохезија за зголемен потенцијал на руралниот туризам и одржлив економски рурален развој“ предвидена е едукативна работилница за поддршка и едукација на млади пчелари, која ќе се одржи наредниот месец, со предавачи, искусни пчелари и професори.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/08/2018 13:11