Стопанската комора на Македонија денеска јавно го поздрави донесувањето на Законот за финансиска поддршка на инвестициите и порача дека само со државна помош на големите, успешни компании може да се зголеми бројот на конкурентните, извозно ориентирани производи што ќе ја придвижат економијата.
Комората, како што беше речено на прес-конференција, ќе ги посети компаниите што добија пари согласно законот за да апелира на негова доследна примена, но и ќе ја промовира потребата од дополнителни вложувања од страна на државата во бизнис секторот.
- Законот потврдува дека постои јавно-приватен дијалог и партнерство. Во него се инкорпорирани сите наши укажувања, дефинирани уште пред десетина години. Само преку државна помош на бизнисот, може да се зголеми бројот на индустриските производи со конкурентска предност, напомена Анета Трајковска од Стопанската комора.
Трајковска посочи дека во перидоот од 2006 до 2016 година двојно е намалено учеството на индустријата во создавањето БДП, од 32 на 15 отсто, а речиси преполовен е и бројот на конкурентни, извозни производи, од 675 на 461.
Одговарајќи на новинарски прашања, Трајковска рече дека првите сто компании кои потпишаа договор за поддршка од државата се само почеток на целиот процес.
Во врска со обвинувањата дека дел од овие компании се блиски до власта, Трајковска напомена дека критериумите во законот се јасни и транспарентни, а ги опфаќаат сите фирми што оствариле профит.
Стопанската комора на прес-конференцијата ја подели брошурата „Време е за промена на моделот за економски развој“, изготвена пред 10 години и во која, како што истакна Трајковска, меѓу другото се содржани и предлозите на бизнис заедницата што веќе се дел од Законот за финансиска поддршка на инвестициите.