Здравствената работничка Глорија Хироко Чепмен (67), сопруга на Марк Чепмен (62), убиецот на познатиот музичар Џон Ленон, призна дека знаела оти нејзиниот сопруг ќе го убие членот на „Битлси“ дури два месеца пред самата трагедија, пишува „Дејли Мејл“.

- Кога слушнав дека во Њујорк имало пукање и оти е убиен Ленон, веднаш знаев дека мојот Марк е виновен за тоа, раскажала Глорија за „Мирор“.

Таа додала дека Марк повеќе пати планирал да го убие музичарот, но таа успевала да го оттргне од таквата намера.

- Кога првпат посакал да го убие, се врати дома целиот преплашен. Ми рече дека се откажал, бидејќи ме сака премногу, тврди Глорија.

На крајот Марк сепак одлучи да го убие некогашниот член на „Битлси“, со цел неговото име да стане познато во светот.

Џон Ленон е убиен на 8 декември 1980 година. Погоден е со четири куршуми во грбот. Чепмен, инаку поранешен обожавател на Ленон, го налутила изјавата на музичарот дека „Битлси“ се попопуларни од Исус.

Овој верски фанатик е осуден на затворска казна во период од 20 години до доживотна робија, која ја отслужува во затвор во Алдена во американската држава Њујорк.

Чепмен неколку пати барал да биде ослободен. До 2016 година на властите им испратил девет барања за условна казна, но бил одбиен.

Овој месец повторно ќе има право да бара пуштање на слобода, по 38 години робија.

- Не е важно колку време мојот Марк ќе остане в затвор, јас ќе го чекам, истакна Глорија Чепмен, која стравува дека обожавателите на Ленон ќе сакаат да му се одмаздат на нејзиниот сопруг.

Таа вели дека верата не и дозволува да го напушти својот сопруг, за кого се венчала 18 месеци пред Марк да го убие Ленон. Сите овие години, Глорија го посетува својот сопруг во затворот.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/08/2018 11:57