Родителите во Македонија се свесни, се повеќе се интересираат и дебатираат за штедењето со цел да им овоможат на своите деца поквалитетно образование, самостоен и подобар живот и финансиска стабилност.

Најчесто родителите ги планираат финансиите и штедат уште од раѓањето на децата. Некои штедат под перница, некои во банка, трети избираат детско штедно осигурување, но вложуваат и во фондови, што е една од најчестите форми на долгорочно вложување за деца во развиените држави.

Штедење во банка

Секоја од банките во Македонија има своја понуда за детско штедење. Најчесто минималниот износ на депозит што треба да се вложи е три илјади денари, а само во Централна кооперативна банка АД Скопје е шест илјади денари. Во неколку банки минималниот износ на депозит е 1.000 денари, а само 600 денари во Про-кредит банка. Ретки се банките каде нема минимален износ што треба да се вложи. Каматата е променлива во согласност со актите на банката и во зависност од рокот на орочување. Дел од банките нудат и специјални подароци - касичка, детски паричник, картичка за лојалност...

Родителите имаат поделени мислења. Помал дел се уште штедат под перница, бидејќи не веруваат во она што го кажуваат банките и осигурителните компании. Сметаат дека во моментов штедењето во банка е неисплатливо бидејќи има ниски каматни стапки. Според нив, каматата е смешна и немаат никаква корист само што се чуваат парите.

- Потребно е да помине долг временски период, од десет или петнаесет години, за штедењето да се исплати. Доколку сакате порано да ги подигнете средствата многу е помал износот и плаќате пенали, вели 35-годишниот родител Борјан од Скопје.

Поради тоа еден дел од родителите се одлучуваат за друг начин на штедење, за осигурување на живот за деца со штедна компонента. На тој начин детето е осигурано во случај на болести и повреди и ќе има свој капитал на 18 години.

Дел од родителите, пак, се задоволни од детското штедење и за нив сумата што ја одвојуваат месечно не е многу голема.

Ретки се оние родителите кои имаат по две полиси, за себе и за децата. Тие велат дека тоа на Запад е нормално, а кај нас се уште не се практикува доволно.

Осигурување на живот за деца со штедна компонента

Генералниот директор на Граве Осигурување АД Скопје, Зоран Стојановски, изјави дека во широката лепеза на осигурителни производи што ги нудат има специјални програми приспособени за потребите на најмладите корисници. Фокусот, како што појасни, е на детското осигурување и штедење кое е наменето за обезбедување финансиска стабилност и посигурна иднина за децата.

Како најзначани производи за осигурување и штедење за деца Стојановски ги издвои Граве кидс и Граве Киндер.

- Осигурување на живот за деца по тарифата Граве кидс може да се склучи за новороденче, како и за деца со навршени најмногу 14 години. Траењето на осигурувањето може да биде најмалку шест години (три години за еднократна уплата на премијата), а најдолго до 25 година на живот. Заедно со осигурувањето по тарифата Граве кидс може да се склучи и дополнително осигурување од незгода во случај на трајна инвалидност, рече Стојановски.

Граве киндер, пак, е програма за осигурување со штедење и учество во добивка во корист на дете е наменета за деца на возраст од 0-13 години. Премијата се плаќа само за првите шест години од траењето на осигурувањето, додека гарантираниот капитал и делот од добивката се исплаќаат исклучиво на корисникот – детето по неговата наполнета 19 година.

- Ова се производи кои се потребни за секого. Статистички најчесто купуваат родителите за своите деца или најблиските за своите внучиња. Договарач на осигурувањето кај осигурување на живот за деца може да бидат родителите, баба, дедо, старател или некој друг. Осигуреник е исклучиво детето, а корисник на осигурувањето по доживување е договарачот на осигурувањето или осигуреникот – детето. Од досега склучените договори не може да издвоиме најчест договорувач на полисата за детското штедење и осигурување, вели Стојановски.

Според него, недоволната финансиска едукација доведува до неинформираност за овие производи, а радува фактот што се пошироко се препознава потребата од детското осигурување со штедење.

Вложување во фондови

Скопјанката Анета С., мајка на две деца, изјави дека штеди за своите најмили.

- За децата штедам откако се родени. Обично сите пари што ги добиваме за родендени или на подарок ги ставам на штедна книшка во банка. Од неодамна почнавме да штедиме и преку ВФП, т.е влеговме во детскиот Јуниор инвестмен клуб. Секој месец одвојувам по 1.290 денари на сметката на инвестицискиот фонд. За мене е многу важно децата да имаат своја штедна книшка, со тоа им ја обезбедуваме нивната иднина. Преку инвестицискиот фонд се создава обврска за штедење и кај родителите и кај децата, вели Анета. Смета дека многу е важно да се научат децата да знаат да штедат.

Македонските граѓани имаат навика за детско штедење, но недостига финансиска дисциплина. Честопати знаат да паднат во искушение кога им е на располагање поголема сума на пари и да ја потрошат за патувања, шопинг, уредување на домот...

Недостига континуирана финансиска едукација на најмладите во државата и проактивност на осигурителните компании на терен. Сите заеднички треба да работиме во насока на едукација, да станеме свесни за значењето на сопствениот живот и иднината на нашите деца и да одвојуваме од нашите сегашни приходи за иднината.

Магдалена Ристоманов



Автор: Администратор
Објавено на: 11/08/2018 15:44