Европската Комисија не сака да ја коментира судската одлука во САД за глифосатот, а петгодишната дозвола за овој можно канцероген пестицид останува да важи засега.
Во петокот, американски суд побара од производителот Монсанто да му исплати 289 милиони евра отштета на земјоделец оболен од рак, кој тврди дека тој бил рпедизвикан од користењето на хербицидот “Раунап“ кој содржи глифосат.
Запрашана за реакција и можно ревидирање на законодавството за глифосатот во ЕУ, Европската Комисија порача дека “не коментира судски одлуки“ и дека за сега дозволата за глифосатот продолжува да важи.
Во декември, по жестоки дебати и преговори во Европскиот Парламент и земјите членки, како и граѓанска петиција за забрана на глифосатот, ЕУ сепак ја продолжи дозволата за овој хербицид, за кој постои сомнеж дека предизвикува рак.
Петгодишната екстензија на дозволата беше компромис помеѓу оние кои беа за и оние кои беа против продолжувањето, бидејќи лиценците за хербициди обично се даваат на десет до петнаесет години.
Од 28 земји членки, 18 гласаа за лиценцата, а девет против, останатите беа воздржани.