Падот на вредноста на турската лира за 40 проценти е показател дека во Турција има проблеми со многу фундаментални основи на економијата, изјави економскиот советник на Белата куќа, Кевин Хасет.
Турската лира од почетокот на годината загуби околу 40 проценти од својата вредност, што според експертите, е резултат на обидите на Владата на Турција да воспостави контрола врз монетарната политика на земјата, но и на тензиите во односите меѓу Анкара и Вашингтон, пособено по одлуката на САД за двојно зголемување на царините за увоз на некои стоки.
Сепак, според Хасет, одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за двојно зголемување на царините за увозот во САД на челик и алуминиум од Турција има „многу мал удел“ во турскиот бруто домашен производ и во принцип не може да има влијание врз курсот на турската лира.
- Кога една земја „ја губи врската со либералната демократија, не може реално да се знае што ќе се случи со економија. Тоа е причината за несигурноста, потенцира Хасет во интервју за телевизијата Ем-Ес-Ен-Би-Си.
Според советникот на Белата куќа, Администрацијата на Трамп внимателно ја следи финансиската состојба во Турција по драстичниот пад на вредноста на турската лира во однос на американскиот долар.