Електронското издание на францускиот весник „Журнал ди Диманш“ (ЈДД) објави дека е пронајдено пристаниште за бродот „Аквариус“, кој превезува мигранти, и дека тоа нема да биде во Франција, но не открива каде.
Според француски владини извори кои го брифирале медиумот, пристаништето се наоѓа на „помалку од пет дена пловидба“.
- Лицата кои се на бродот ќе бидат распределени помеѓу земјите од ЕУ, знаеме дека меѓу нив има очигледни бегалци кои треба да добијат азил, изјавил владиниот извор за весникот.
Бродот веќе четири дена плови на Медитеранот во потрага во безбедно пристаниште за 141 лице спасени во Морето во петокот во близина на Либија.
Италија, Малта, Шпанија и Гибралтар, најблиските пристаништа, го одбија бродот координиран од Лекари без граници и СОС Медитеран.
Бегалците на бродот се главно од Еритреја и Сомалија, а 67 од нив се деца без придружба од возрасен. Ситуацијата на бродот засега е стабилна, информираат невладините организации.
Европската комисија посредува во спорот, заедно со Франција, но од Италија и Малта одговорот е негативен. Овие две земји и во јуни го одбија истиот брод кога пренесуваше околу 600 мигранти. Во отсуство на пристаниште кое ќе ги прифати, тогаш Шпанија волонтираше да ги прими, но овојпат шпански владини извори ги брифираат медиумите дека „немаат намера да го повторат“ гестот.
Италија оцени дека Велика Британија треба да го прими бродот затоа што е регистриран во Гибралтар. По што, набрзо потоа, Гибралтар му ја одзема регистрацијата на бродот, кој сега по автоматизам плови како германски брод, бидејќи е произведен во Германија, но нема гаранции дека и Берлин нема да се огради од него. Гибралтар му ја одзема лиценцата на „Аквариус“ затоа што тој не бил регистриран како брод со спасувачка мисија, пренесува Евроњуз.
Во меѓувреме, една француска општина и Корзика порачаа дека би го примиле бродот, но оти нема официјално барање од Франција за такво нешто.
Во принцип правилото во море е дека спасените лица треба да бидат истоварени во најблиското безбедно пристаниште, а тие се на Малта и во Италија.
Иако Либија е блиску, оваа земја не е се смета за безбедна и невладините организации одбиваат да ги вратат лицата таму.
Миграциската криза со месеци ја поларизира Европската Унија, а реформата на системот на заедничкиот систем на азил не помина, така што правилата во Унијата и натаму не се јасни околу тоа која земја колку мигранти треба да прифати и во кои услови.
Европската комисија заедно со Австрија, која е актуелен претседабач на ЕУ, работат на нови предлози, кои се фокусирани повеќе на екстернализација на миграциските предизвици преку отврање центри во трети земји, отколку на рамомерно распоредување на мигрантите во ЕУ.