Францускиот дневен весник ЈДД пишува дека е пронајдено пристаниште за бродот „Аквариус“ и дека тоа нема да биде во Франција, но не сѐ уште не откриваат каде. Според француските владини извори кои го брифирале медиумот, пристаништето се наоѓа на помалку од пет дена пловидба.

-Лицата кои се на бродот ќе бидат распределени помеѓу земјите на прием во Европа, знаеме дека меѓу нив има очигледни бегалци кои треба да добијат азил, вели владин извор од Франција за весникот ЈДД.

Бродот веќе четири дена плови на Медитеранот во потрага во безбедно пристаниште за 141 лице спасени во море во петокот во близина на Либија.

Италија, Малта, Шпанија и Гибралтар, најблиските пристаништа, го одбија бродот координиран од Лекари без граници и СОС Медитеран.

Бегалците на бродот се главно од Еритреа и Сомалија, а 67 од нив се деца без придружба од возрасен. Ситуацијата е стабилна за сега на бродот, информираат невладините организации.

Европската Комисија посредува во спорот, заедно со Франција, но од Италија и Малта одговорот е негативен. Овие две земји и во јуни го одбија истиот брод кога пренесуваше околу 600 мигранти. Во отсуство на пристаниште кое ќе ги прифати, тогаш Шпанија волонтираше да ги прими, но овојпат шпански владини извори ги брифираат медиумите дека “немаат намера да го повторат“ гестот.

Италија оцени дека Велика Британија треба да прими бродот затоа што е регистриран во Гибралтар. Брзо потоа, Гибралтар му ја одзема регистрацијата на бродот, кој сега по автоматизам плови како германски брод, бидејќи таму е произведен, но нема гаранции дека и Германија нема да се огради од “Аквариус“. Гибралтар му ја одзема лиценцата на бродот затоа што тој не бил регистриран како брод со спасувачка мисија, пренесува Евроњуз.

Во меѓувреме, една француска општина и Корзика порачаа дека би го примила бродот, но нема официјално барање од Франција за такво нешто.

Во принцип правилото во море е дека спасените лица треба да бидат растоварени во најблиското безбедно пристаниште, а тоа се Малта и Италија.

Иако Либија е блиску, оваа земја не е се смета за безбедна, и невладините организации одбиваат да ги вратат лицата таму.

Миграциската криза со месеци ја поларизира Европската Унија, а реформата на системот на заедничкиот систем на азил не помина, така што правилата во Унијата и натаму не се јасни околу тоа која земја колку мигранти треба да прифати и во кои услови.

Европската Комисија заедно со австриското претседателство работат на нови предлози, кои се фокусирани повеќе на екстернализација на миграциските предизвици преку отврање центри во трети земји, отколку на рамомерно распоредување на мигрантите во ЕУ.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/08/2018 14:25