Владата на Малта ќе направи „отстапка“ и ќе го прифати хуманитарниот брод „Аквариус“ да се вкотви на нејзино пристаниште, соопшти премиерот на Малта на Твитер, Жозеф Мускат.

-По разговорите помеѓу Франција и Малта, неколку земји на ЕУ со целосна поддршка на Европската Комисија се согласија да ја поделат одговорноста за спасените мигранти на “Аквариус“. Малта ќе направи отстапка со дозволата бродот да се вкотви на нејзино пристаниште иако нема правна обврска за тоа, стои во соопштението.

Малта ќе биде „логистичка база“, а 141 мигранти ќе бидат распределени помеѓу Франција, Германија, Луксембург, Португалија и Шпанија, најави Мускат.

Владата додава дека во понеделникот Малта спасила 114 лица во море, 60 од нив ќе бидат исто така прераспоредени во ЕУ.

Европската Комисија ја поздрави оваа одлука на Малта.

-Ова беше можно благодарение на поддршката на Франција, Шпанија, Германија, Португалија и Луксембург, стои во реакцијата на еврокомесарот за миграција, Димитрис Аврамопулос.

Аврамопулос ги пофали овие земји за солидарноста што ја покажаа.

-Интензивни контакти беа во тек во последните денови, посредувани и координирани од ЕК, не можеме да се ослониме на ад-хок договори, потребни ни се одржливи решенија. Ова не е одговорност на една или неколку земји членки, туку на целата ЕУ, изјави Аврамопулос преку соопштение.

Бродот од петокот пловеше низ Медитеранот без ниту една земја да прифати негово вкотвување и излез на бегалците во него.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/08/2018 15:38