Во последните 12 месеци печатените медиуми во Германија загубија повеќе читатели во споредба со минатата година, јави германската новинска агенција ДПА.

Во 2018 година 39,3 милиони луѓе во Германија читале дневни весници. Тоа е пад за 1,3 милиони читатели од 2017 година досега, се наведува во извештајот на Работната група за медиумски анализи со седиште во Франкфурт.

Со анализата не е опфатено читањето на електронските изданија на весниците.

Во моментот печатени медиуми читаат 55,8 отсто од Германците над 13-годишна возраст. Во 2017 година нивниот процент изнесувал 57,9.

Најпопуларен дневен весник и понатаму е „Билд“, него го читаат 9,42 милиони луѓе. Но, и неговата читаност бележи пад од 350.000 луѓе во споредба со минатата година.

„Зидојче цајтунг“ добил 10.000 нови читатели во споредба со 2017 година и има тираж од 1,25 милиони, додека бројот на читатели на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ не е промент со 760.000, а „Велт“ загубил 50.000 и сега има 660.000 читатели.

- Падот на бројот на читатели во последните години ја одразува промената на односот на граѓаните кон печатените медиуми. И покрај топа весникот останува стабилно и квалитетно средство за реклама, изјави директорот на Одделението за дневни весници на Работната група, Герхард Мјулер.

Извештајот е изработен на премерок од над 130.000 луѓе на возраст над 13 години, кои одговарале на прашањето кои шечатени изданија на весниците ги читаат.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/08/2018 09:51