Белата куќа синоќа ја осуди Турција поради тоа што двојно ги зголеми царините на американскиот увоз како одговор на мерките на Вашингтон кон турските производи.
- Турските царини секако се за жалење и чекор во погрешен правец. Причина за царините кои САД ги воведе за Турција беше наш националн безбедносен интерес. Нивните царини се воведени од одмазда, изјави портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс.
Турција вчера двојно ги зголеми царините за одредени американски производи, како што се патничките автомобили, алкохолот и цигарите, како одговор на американските напади врз турската економија.
Уредбата за зголемување на царините ја потпиша претседателот Реџеп Тајип Ердоган, со која за 120 отсто се зголемуваат царините за патничките возила, за алкохолните пијалаци 140 проценти, а за тутунот 60 отсто. Зголемувањето се однесува и на други артикли, како козметички производи, ориз и јаглен.
Одлуката на Ердоган уследи откако американскиот претседател Доналд Трамп во петокот објави дека наредил зголемување на царините за увоз на турски алуминиум и челик во САД, во услови на зголемни тензии меѓу Анкара и Вашингтон.
Односите помеѓу САД и Турција се на најниско ниво поради неослободување на американскиот пастор Ендрју Брансон, кој е во куќен притвор во Турција, но и поради различните интереси во Сирија, каде САД ги поддржуваат Курдите.