Црна Гора ќе мора да се усогласи со европските строги норми и критериуми при давање државјанство на странски инвеститори, за да спречи безбедносните ризици, што ќе биде проценувано во текот на преговарачкиот процес, порачаа од Европската комисија.

Владата на Црна Гора на 26 јули усвои програма за стекнување државјанство врз основа на вложување, а планот е да почне да се применува од 1 октомври.

Владината програма за економско државјанство ќе биде, како што е предвидено, достапна најмногу за 2.000 апликанти од земји, кои не припаѓаат на ЕУ и тоа во текот на ограничен период од три години. Заинтересираните поединци ќе имаат опција да вложат 250.000 евра во некои од развојните проекти, кои претходно ги одобрила владата во неразвиените подрачја на Црна Гора, или 450.000 евра во развиените региони.

Владата, освен тоа, ќе наплаќа надомест од 100.000 евра по поднесено барање. Надоместокот ќе биде насочен во посебен фонд за развој на неразвиените подрачја.

Од владата тврдат дека ова не е проект за продажба на пасоши и економско државјанство, туку проект кој треба да обезбеди економски развој и да го забрза исполнувањето на економските критериуми кои се дел од европската агенда на Црна Гора.

Поради сугестија на ЕУ, владата ја прекина програмата за економско државјанство во 2010 година. Тогаш предлогот беше црногорското државјанство да чини 500.000 евра, од кои добар дел требаше да оди во државната каса.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/08/2018 16:55