Новата сезона во италијанската Серија „А“ почнува денеска во 18 часот и тоа на најинтересен можен начин - со натпревар помеѓу Киево и шампионот Јувентус. Сите сакаат да ја видат новата ѕвезда на „бјанконерите“, Кристијано Роналдо, а тоа ќе се случи уште вечерва во дуелот на стадионот „Маркантонио Бентегоди“. И покрај освојувањето на седум последователни титули во Италија, Јувентус останува голем фаворит и во оваа сезона. По ништо не личи дека играчите на „Старата Дама“ се презаситени од успеси и планираат да го намалат темпото. Уште повеќе дека со новите засилувања и особено со доаѓањето на Роналдо, екипата изгледа уште помоќна во споредба со претходните години. Има мала веројатност тимот од Торино да ги фокусираат повеќе силите во Лигата на Шампионите, но тоа едвај ќе влијае драматично на претставувањето на тимот на домашна сцена. Сепак, кандидатите кои ќе го симнат Јувентус од тронот не се малку. Речиси сите топ тимови беа многу активни на трансфер пазарот и покажаа дека нема да се помират само така со доминацијата на „бјанконерите“ и ќе направат се што е можно да се запре походот кон уште едно „Скудето“. Во последниве години, најблиски до тоа беше Наполи. Тимот сигурно ќе се обиде повторно во текот на оваа кампања. Не е јасно, меѓутоа како тренерската смена на Маурицио Сари со Карло Анчелоти ќе се одрази на неаполитанците. Во секој случај, ќе видиме некои промени во стилот на игра, но дали тоа ќе биде добро или лошо за сезоната, останува да видиме. Постои зголемена амбиција за титулата од страна на Интер. Минатата сезона „нероазурите“ започнаа многу силно и долго време беа на врвот на табелата, но потоа падна во формата и завршија дури на четвртата позиција. Сега тимот успеа да ги задржи повеќето играчи, а во исто време беа привлечени и добри засилувања како Шиме Врсаљко, Стефан де Фрај, Раџа Наинголан, Квадво Асамоа и Лаутаро Мартинез, кои се очекува да донесат уште квалитет и можност за ротации во составот, кои овој пат ќе можат да ја издржат целата кампања со добра брзина. Рома е уште еден голем кандидат за Скудетото. „Волците“ имаат изградено цврст тим во последниве години, но отсекогаш им недостасувало малку, за да бидат на нивото со Јувентус. Некои промени беа направени ова лето на „Олимпико“, најголемата беше разделбата со голманот Алисон Бекер, кој се пресели во Ливерпул. Друга важна фигура што замина е Наинголан, кој беше срцето на средниот ред на „волците“. Сепак, во исто време, фудбалери со висок квалитет, како што се Хавиер Пасторе, Џастин Клајверт, Брајан Кристанте и Робин Олсен, ќе мора да ги полнат празнините што останаа. Не треба да го заборавиме и Милан. Иако во последниве години тимот е во сериозна криза, „росонерите“ остануваат еден од гигантите на италијанскиот фудбал, кој веќе е време да се издигне од пепелта. На „Сан Сиро“ работат напорно во оваа насока, а ова лето се направени нови инвестиции за да се зајакне составот. Повторно, најимпресивен беше договорот со Јувентус, за тоа Леонардо Бонучи да се врати во Торино, но Милан за возврат ги доби Гонзало Игуаин и Матија Калдара. Во меѓувреме, „црвено-црните“, исто така, пополни други проблематични позиции, а во новата кампања се очекува дека пулените на Џенаро Гатузо ќе го напаѓаат врвот. Во Серија „А“, сепак има и други интересни тимови како Лацио, Фиорентина, Торино, Аталанта и Сасуоло кои можат сериозно да ги поматат сметките на фаворитите. Голем интерес предизвика и повратникот Парма, која се врати во елитата на Италија, откако прогласи банкрот во 2015 година и требаше да започне од четвртата дивизија, но само за три години успеа да стигне до Серија „А“.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/08/2018 11:21