Лидерот на талибанците Маулви Хаибатул Ахунзада денеска изјави дека нема да има мир во Авганистан се додека трае „окупацијата на странците“, повторувајќи дека 17-годишната војна може да биде завршена само со директни преговори со САД.

Во пораката објавена денеска по повод празникот Еид ал-Ада, Ахунзада истакна дека талибанците остануваат посветени на „исламските цели“, суверенитетот на Авганистан и завршување на војната.

Последните години талибанците зазедоа области ширум Авганистан, често изведувајќи поголеми напади.

Талибанците од 1996 до 2001 година беа на власт со Авганистан и владееа во согласност со строгата интерпретација на исламскиот закон, според кој на жените им е забрането да се образуват и тие воглавно беа затворени во домот. Во нивно време, Авганистан беше засолниште за Ал Каеда и Осама бин Ладен.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/08/2018 11:32