Имран Кан денеска положи заклетва на местото премиер на Пакистан и покрај протестите на опозициските партии кои тврдат дека тој победил на изборите со помош на безбедносните служби.

Партијата на Кан, Пакистанско движење за правда (ПТИ) победи на изборите на 25 јули и формира коалиција со независните кандидати. Од победата, опозициските партии редовно одржуваа протести, тврдејќи дека изборите се наместени. Кан вети дека ќе ги испита наводите за евентуалното местење на избори, но при денешното положување на заклетва истакна дека нути тој ниту ПТИ не се виновни.

Тој вети дека ќе се бори против корупцијата.

Кан додека се занимаваше со крикет, беше познат и како плејбој, но по влезот во политика се посвети на конзервативниот ислам.

Тој е критичар на така наречената „Војна против тероризмот“, што американската администрација ја почна по нападите на 11 септември 2001 година. Кан ги обвинува САД дека поттикнуваат екстремизам со нападите со дронови во Пакистан, при што гинат цивили.

Исто така се залага за смртна казна за муслиманите кои богохулат.

Неговите критичари поради таквите ставови го нарекоа Талибанецот Кан, обвинувајќи го дека сочувствува со екстремистите. Тој за време на предизборната кампања тврдеше дека е посветен на борбата против исламските екстремисти и на добрите односи со САД.

Прва жена на Кан беше богатата британска наследничка Џемима Голдсмит, со која се ожени во 1996 година. Тој со неа има два сина, кои живеат со мајка им.

Кан вторпат се ожени во 2005 година со британската новинарка Рехам Кан, со која има три деца. Тој се разведе од неа десет години подоцна.

Новиот пакистански премиер во текот на годината се ожени со својата „духовна советничка“ Бушра Манека.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/08/2018 11:43