Брисел, 20 август 2018 (МИА) – Италијанската влада бара помош од Европската Унија за решавање на уште еден миграциски спор со Малта и се закани дека ќе ги врати спасените мигранти во Либија, што би било нелегално, јави дописничката на МИА од Брисел.
Во четвртокот, бродот Дишиоти, кој е дел од спасувачките мисии на агенцијата Фронтекс, спаси брод со 177 мигранти во Медитеранот и се однесени на италијанскиот остров, Лампедуса. Но, италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Салвини смета дека мигрантите треба да одат во Малта и бара помош од Европската Унија.
-Или Европа ќе одлучи да понуди сериозна помош за Италија, почнувајќи на пример со 180-те мигранти на Дишиоти, или ќе бидеме приморани да му ставиме крај на бизнисот на шверцерите. А тоа значи да се вратат спасените луѓе назад во Либија, изјави Салвини.
Враќањето на мигрантите во Либија би било спротивно на меѓународното право бидејќи станува збор за “небезбедна земја“, според меѓународните стандарди за спасување.
Во средата Малта не го спаси бродот со мигранти, порачувајќи дека не бил во опасност. Кога бродот стигнал близу Лампедуса, Дишиоти го спасил.
Малтешкиот премиер порача дека мигрантите се наоѓаат на италијанска територија и дека очекува ЕУ и Италија да си ги исполнат обврските и дека Малта го почитувала меѓународното право.
Италијанскиот министер за транспорт, Данило Тонинели, од своја страна оцени дека Малта не ги спасила мигрантите и го оставила “товарот“ на Италија, и побара санкции за Малта поради ова.
-Или ЕУ ќе се понуди и ќе ги отвори своите пристаништа за солидарноста, инаку нема причина да постои, се закану Тонинели.
Италија смета дека миграцискиот товар нерамномерна паѓа врз неа со години. Од затворањето на балканската рута и договорот со Турција, Италија примила над 600 илјади мигранти на своја територија. Но, поради внатрешните поделби на ЕУ тие мигранти не можат да бидат распределени во ЕУ, бидејќи повеќе земји членки на ЕУ одбиваат да прифатат мигранти, пред сѐ земјите од источна Европа.
Секој обид за реформа на внатрешниот систем на азил во ЕУ до сега пропадна.
Во меѓувреме во Италија на власт дојде коалиција на популистичка партија и екстремната десница, која одбива да ги прими мигрантите.
ЕУ се повеќе се движи кон екстернализирање на миграциските проблеми, односно отворање на излезни центри надвор од ЕУ, каде би се процесуирале барањата за азил на лицата, а потоа би се распределиле азилантите во земјите на ЕУ. Овој предлог на Европската Комисија содржи многу нејаснотии и сѐ уште не е прифатен од страна на земјите членки.
Невладините и хуманитарните организации се противат на ова решение, и сметаат дека дополнително ќе ја усложни ситуацијата бидејќи третите земји во кои би се отворале овие центри не ги исполнуваат хуманитарните ниту санитарните услови.