По два денара поддршка за килограм сливи ќе добијат регистрираните откупувачи и трговци со цел стабилизирање на откупот на сливи, соопшти денеска Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

МЗШВ воедно потсетува дека производителите, согласно годинашната Програма за финансиска поддршка во земјоделството, ќе добијат три денари субвенција.

- Финансиската поддршка за откупувачите ќе важи за индустриски сливи откупени до 15 септември 2018 година по цена не пониска од пет денари за килограм. Оваа субвенција ќе важи и за откупувачите кои ќе откупат свежа слива, но по цена не пониска од осум денари, наведува Министерството.

Во моментов, како што информира, над 20 компании откупуваат сливи.

МЗШВ стапи во контакт со откупувачите и најодговорно тврди дека секој откупувач при откуп на слива, издава кантарна белешка.

- Континуирано го следиме откупот на сливи и повторно ги повикуваме земјоделците да не наседнуваат на партиски мотивирани протести. Работиме според законските овластувања и во интерес на земјоделците поради што изминатата 1,5 година воведовме системски мерки за поттикнување на развојот на земјоделството. Минатата година за 10 отсто ги зголемивме субвенциите за овошни насади вклучително и за сливите. По овој основ зголемени субвенции добија над 2.500 производители на сливи, за што беа исплатени 64 милиони денари, стои во соопштениетот од МЗШВ.

Пред корегирањето на Програмата за финансиска поддршка, субвенцијата за предадено овошје во преработувачки капацитет, вклучително и за сливите, беше два денара за килограм.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/08/2018 15:31