Стотици поранешни банкари од пропаднатиот гигант Лиман Брадерс планираат да одржат средба во Лондон на 15 септември - односно на десет годишнината од пропаста на банката која ја предизвика светската финансиска криза во 2008 година.

Досега над 200 поранешни вработени во банката, пред се од пониските ешалони, го потврдиле своето присуство на забавата во клубот Кондуит, која се организира дискретно, преку имејл покани. Медиумите сепак дознаа за планот, а британската Лабуристичка партија денеска го критикуваше планот да се одбележи пропаста на банката како „болен“.

Лиман Брадерс, финансиска институција стара над 150 години, своевремено беше четврта најголема инвестициска банка во САД. Во 2008 година таа го означи почетокот на финансиската криза кога, поради прекумерното инвестирање во нестабилниот пазар на недвижности, банката колабираше во рок од неколку месеци. За разлика од другите големи банки во САД, кои исто така беа изложени на пазарот на недвижности, Лиман Брадерс не беше спасена од страна на федералната Влада, туку беше оставена да банкротира.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/08/2018 15:43