Исмаил Џем Халавурт, адвокат на американскиот свештеник Ендрју Брунсон, најави дека до крајот на месецот ќе поднесе жалба до турскиот Уставен суд. Брунсон е обвинет за врски со мрежата на Фетула Ѓулен и беше притворен во декември 2016 година, а неодамна беше пуштен во домашен притвор.

Неговиот адвокат сега бара негово целосно пуштање на слобода, со можност да се врати во САД, јави новинската агенција ДПА. Спорот околу апсењето на Брунсон (50) ги влоши односите меѓу Турција и САД, по што Вашингтон воведе санкции против Турција, што придонесе за турската економска криза. Турција бара од САД да и го екстрадира Ѓулен за да му се суди за обидот за државен удар во 2016 година, и се смета дека апсењето на Брунсон, кој водел мала протестантска црква во Измир, е поврзано со ова барање.

Халавурт изјави дека суд во Измир неодамна го одбил неговото барање за пуштање на Брунсон на слобода. По жалбата до Уставниот суд, доколку одлуката биде негативна, адвокатот евентуално може да се жали пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/08/2018 15:48