Италијанските власти денеска му дозволија на бродот на крајбрежната стража Дичиоти, на кој се наоѓаат 177 мигранти, да се вкотви во Сицилија. Мигрантите, кои беа примени на бродот во малтешки територијални води, четири дена беа во неизвесност околу тоа дали ќе можат да се истоварат во Италија.
Италија инсистираше овие мигранти да бидат распоредени низ повеќе држави - членки на Европската унија. Се уште е неизвесно дали Италија ќе им дозволи на мигрантите, меѓу кои има 34 жени и шест деца, да излезат од бродот или ќе ги држи затворени во пристаништето. Тринаесет мигранти кои беа оценети како итни медицински случаи, беа евакуирани веднаш по преземањето на Дичиоти.
- Сега Европа треба бргу да ја заврши својата работа, изјави италијанскиот министер за транспорт и инфраструктура Данило Тонинели, откако на бродот му беше дозволено да се вкотви во Катанија.
Новоформираната италијанска Влада им забрани на бродовите со мигранти што испловуваат од Либија да доаѓаат до италијанските пристаништа, и ги обвини хуманитарните организации кои ги испраќаат овие бродови дека соработуваат со шверцери на мигранти од Либија. Ова предизвика спор меѓу Италија, Малта и Франција околу приемот на мигрантите, додека Шпанија повремено се јавува како алтернативна дестинација за мигрантите.