Тоа што германската канцеларка, првпат од руската анексија на Крим во 2014 година, го повика на билатерална средба во Германија, рускиот претседател Владимир Путин би можел да му се заблагодари во голема мерка на американски претседател Доналд Трамп и неговиот курс во надворешната политика.

Непропуштањето на Трамп во секоја прилика да ги критикува Германија и ЕУ, заканата кон европските држави дека ќе го повлече американскиот безбедносен чадор во рамките на НАТО, повлекувањето од иранскиот нуклеарен договор, како и казнувањето на ЕУ со давачки за челик и алуминиум, а Турција со царини и санкции, придонесе Меркел и Путин често да комуницираат во четири очи, и покрај спротивставените ставови.

Прво, во мај оваа година тие се видоа на билатерална средба во Сочи, а потоа Меркел на крајот на јули во Берлин, речиси тајно, го прими рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, и началникот на Генералштабот на руските вооружени сили Валери Герамисов, предизвикувајќи изненадување во дипломатските кругови и не давајќи јасен одговор зошто токму првиот човек на руската армија доаѓа кај канцеларката. Формално, темите беа ситуацијата во Украина и во Сирија, но невообичаено е до германските медиуми да не протекоа никакви детали од разговорите.

Веќе од обраќањето на јавноста на двајцата лидери, пред разговорите во дворецот Месеберг во близина на Берлин, всушност би можело да се слушне дека нивните спротивставени ставови за многу прашања, како што е Украина, не се смениле. Сепак, она што на прв поглед не можеше да се забележи од краткото обраќање без новинарски прашања, е фактот дека во тричасовните разговори на голем број на теми, како што се Сирија, иранскиот нуклеарен договор, но политиката на Трамп со санкциите, провејуваше споменувањето на една земја - Турција.

Всушност, германската канцеларка, колку и да имала критики за потезите на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, меѓународните околности ја принудуваат да направи колку што е можно повеќе за во Турција да не дојде безбедносно и финансиско пропаѓање.

На новинарите пред дворецот Месеберг, Меркел им истакна дека е важно да се избегне хуманитарна криза во провинцијата Идлиб во Сирија, и дека таа во мај минатата година со Путин веќе разговарала за уставните реформи и можни избори и за Сирија. Акцентот на канцеларката на Идлиб е резултат на големиот страв на официјален Берлин дека силите на сирискиот претседател Башар ал-Асад, со поддршка на руската армија, можат во најавена офанзива во оваа северозападна провинција, под контрола на сириските бунтовнички групи, да извршат такво крвопролевање, по што новиот бран сириски бегалци во Европа ќе биде неизбежен. Во Идлиб живеат околу 2,3 милиони луѓе.

Во Берлин се плашат дека тоа ќе доведе до судир со турската армија, која е присутна во пограничниот регион и ги поддржува индивидуалните бунтовнички групи. Ердоган веќе истакна дека Турција нема да прифати нови бегалци, и дека презела воени и дипломатски мерки за да ја избегне „катастрофата" во оваа покраина.

Во ситуација во која САД не се веќе одлучувачки фактор на Блискиот Исток, Меркел се наклонува на Русија и се обидува да го избегне кошмарот преку дипломатски канали и со самит на лидерите на Русија, Турција, Германија и Франција. Таа безрезервно ја поддржува оваа идеја на Ердоган, но се уште не може да се потврди дека тоа ќе се случи уште на 7 септември. Токму подготовката на овој самит може да биде единствениот видлив успех на средба во замокот Месеберг.

Германски аналитичари, сепак, забележуваат дека на официјален Берлин му е се поприфатливо Асад, поддржан од страна на Русија, да биде дел од воспоставувањето на повоениот ред во Сирија. Интересот на Берлин е јасен - воспоставување на каква таква стабилност, со што ќе се отвори вратата за враќање на барем дел од околу 600.000 сириски бегалци во Германија.

На германската канцеларка сега и се поважни моменталните интереси на Германија и ЕУ, па поради нив е подготвена и ја проголта острата реторика во последните две години, на релација Анкара - Берлин. Не само што канцеларката и нејзините министри минатата недела посочија дека тие се многу заинтересирани во Турција се избегне финансиско-економскиот колапс поради американските санкции, туку на крајот на следниот месец е најавена официјална посета на претседателот на Турција на Берлин.

Германската влада се обидува да ја убеди турската влада да не одбие помош од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Како што истакнуваат германските медиуми, во тоа се обидел лично германскиот заменик-канцелар и министер за финансии Олаф Шолц, во телефонското интервју со Бетар Албајрак, зет на Ердоган, кој неодамна беше избран за министер за финансии. Според сознанијата на политичкиот магазин „Шпигел“, Албајрак му рекол на Шолц дека има намера да ги посети земјите од Заливот во потрага по пријателска помош од пријателски влади, но и дека се надева дека Русија е подготвена да и понуди пари на Турција.

ММФ смета дека турската централна банка мора итно да ги зголеми каматните стапки за да го спречи падот на турската лира, а владата да спроведе намалувања во државниот буџет. Анкара одбива да го стори тоа.

Иако финансиската криза во Турција не се заканува да ги поплави и големите германски банки, во Германија со внимание се следи фактот дека тоа може да влијае на остатокот од еврозоната. Сега во Турција, изложеноста на банките од еврозоната изнесува околу 147 милијарди евра, од кои само 13 милијарди отпаѓаат на германските банки.

Договорот за посетата на Ердоган во Берлин предизвика жестока критика на левичарската германска опозиција. Поранешниот лидер на Демократската партија и Левица, кој беше и министер за финансии, Оскар Лафонтен, ја осуди планираната посета, барајќи од „ федералната влада да престане да го снабдува Ердоган со оружје".

- И таа (Меркел) мора јасно да стави до знаење дека не може да поддржува пат кон исламистичка диктатура во било која форма, рече Лафонтен. „Канцеларот Ангела Меркел го ангажираше Ердоган како обезбедување и сега е заложник на сопствената политика".

Иако германските банки нема значително да ја почувствуваат турската криза, водечката германска индустриска гранка – автомобилската индустрија - минатиот месец веќе почувствува 36 проценти помала продажба во Турција во однос на истиот месец минатата година.

Тоа, сепак, не претставува значајно финансиско влијание на германската економија, но фактот дека тоа ќе ја дестабилизира Турција може да ја поткопа улогата на Турција како еден вид брана за да влезат голем број бегалци од Блискиот Исток во ЕУ е доволен за ангажманот на канцеларката околу Турција да придонесе и за поканата на Путин да се дојде до Германија. И тоа не само поради Турција.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/08/2018 10:40