Штипската фирма „Еуро Лозар“ во село Лакавица е позитивен пример за искористување на средствата од ИПАРД 2 Програмата, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостпанство Љупчо Николовски.
По посетата на капацитетот, Николовски истакна дека „Еуро Лозар“ е одличен пример за набавка на современа машина за берење вишни.
Машината ги заменува сезонските работници. Чини 50.000 евра, а преку ИПАРД 2 Програмата се финансирани 50 отсто од средствата.
Според министерот, до денеска се склучени договори со земјоделци и фирми за искористување над 12 милиони евра од оваа Програма.
- Склучени се околу 688 различни договори, како што ова денес го видовме, во две мерки: за поддршка на земјоделците, инвестиции во материјални средства и средства за инвестиции во преработувачката индустрија. Вкупно 6,2 милиона евра се за поддршка на земјоделските стопанства со механизација и други набавки, а околу 6,1 милион во мерката три, за инвестиции во преработка, нагласи Николовски.
Според него, направени се големи напори за што побрзо склучување на договорите со земјоделците и фирмите. За над 107 договори е во тек постапка за исплатата на средствата.
- Ако правиме споредба со ИПАРД 1 што беше во функција претходните 10 години, за само еден оглас ја надминуваме искористеноста на средствата во овој дел, односно веќе се наговестува дека ИПАРД ќе биде една од најуспешните приказни преку кои ќе се модернизира стопанството, рече Николовски.
Тој апелира земјоделците да ги искористуваат овие европски пари, а веќе следат и нови огласи за средства од ИПАРД 2 Програмата.
- Убеден сум дека овие 60 до 80 милиони евра што ни стојат на располагање, за разлика од ИПАРД 1 ќе бидат целосно искористени и ставени во функција на македонското земјоделство. Нашето членство во НАТО, нашиот почеток со преговарањето со ЕУ отвараат можности за нови фондови и пари што може да влезат во нашето земјоделство, истакна министерот.
Директорот на Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделство Никола Бабовски рече дека земјоделците и преработувачките капацитети треба да ги користат овие средства за модернизација на своето производство, а со тоа и да бидат поконкурентни на европските пазари, а со тоа и да имаат и квалитетно производство, но и подобра цена.
- Ги поттикнуваме сите земјоделци, преработувачки капацитети и оние кои што имаат намера да се занимаваат со рурален туризам да дојдат на консултативните состаноци што во наредниот период ќе ги одржуваме и да очекуваат во најскоро време нов повик за ИПАРД Програмата. Во сите три мерки има нови дополнителни финансиски средства, рече Бабовски.
Сопственикот на фирмата „Еуро Лозар“ од Штип Гоце Митевски објасни дека новата машина за берење вишни му го скратила времето за берење, но и бројот на сезонски работници кои минатите години морал да ги ангажира. Минатата година имал потреба од над 100 сезонски работници, но оваа година, со новата машина, вклучувајќи го во бербата и неговото потесно семејство од седум луѓе, бербата завршила за само 10 дена, а собрани се над 300 тони вишни.
Митевски порача земјоделците да го модернизираат производството и да учествуваат на ИПАРД повиците.