До крајот на неделава комисија од локалната самоуправа ќе ги процени сите 1.315 барања за надомест на штетите од невремето што прилепскиот регион го зафати на 23 јули. Тогаш речиси 100 отсто беа уништени насадите на околу 600 хектари, главно со тутун, пиперки и житни култури, а најпогодени беа реоните на Мало и Големо Кољари и прилепската населба Варош.

Според Жарко Северкоски, претседател на Комисијата, досега се процесуирани 1.100 барања.

- Ја завршивме процената на 1.100 од 1.315-те барања на земјоделците. Во 80 отсто од случаите станува збор за уништен род на тутунот, а 20 отсто се површини со пиперки и житни култури. Само мал дел барања се одбиени каде нема документација и не може по ниту еден основ да се докаже сопственоста. Очекуваме до крајот на оваа недела да ги процениме сите барања на земјоделците, вели Северкоски.

Се очекува до крајот на месецов да биде изготвен и елаборатот од проценката на штетата.

- Имаме барање до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да ни бидат доставени просечните цени на земјоделските производи во последниве три години што е битно за изготвувањето на елаборатот. Сметаме дека елаборатот може да биде готов до крајот на август за потоа да го доставиме до советот на општина Прилеп, а и до второстепената владина комисија за процена на штети, објаснува Северкоски.

Инаку, комисијата ја заврши процената на штетите од првото невреме што ги зафати овие реони на 9 јули. Тогаш беа поднесени 105 барања за штети на 300 хектари. Елаборатот ќе биде доставен до прилепскиот совет заедно со оној за процена на штетите од 23 јули.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/08/2018 14:20